Владата на Венецуела и опозицијата ќе ги продолжат преговорите кои долго време беа во застој во текот на викендот, со цел да се најде заеднички излез од сложената криза во нивната земја, најавија денеска норвешки дипломати.
Најавата за претстојните разговори во Мексико Сити доаѓа две недели откако делегатите од двете страни учествуваа на тркалезната маса за решавање на венецуелската криза, иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон.
Разговорите официјално почнаа во септември 2021 година во Мексико, но беа прекинати веќе следниот месец бидејќи претседателот Николас Мадуро и нареди на својата делегација да се повлече во знак на протест поради екстрадицијата на еден од неговите блиски сојузници во САД.
„Објавуваме дека Владата на Венецуела и Унитарната платформа на Венецуела одлучија да го продолжат дијалогот и преговарачкиот процес во Мексико на 26 ноември, со посредство на Норвешка“, твитна норвешката амбасада во Мексико. „Таму ќе потпишат делумен договор за социјалните прашања“.