Случајот за боксовите од градоначалникот на Крива Паланка Сашо Митовски кон полицаецот Кристофер Стоевски стигна и на пратенички прашања во Собрание. Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали е поднесена кривична пријава против градоначалникот, а пак, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека е прекршочно казнет. Со ова, случајот за боксовите од Митовски за Стоевски е затворен. За ваквата постапка имаше реакции од пратеникот Стојаноски, кој кажа дека Митовски, кој тепал полицаец, не заслужува да ја врши функцијата градоначалник.

Целата јавност имаше можност да види и да слушне како тој во видно алкохолизирана состојба агресивно пред неговиот ресторан излегол и нападнал службено лице кое што во моментот не било на должност. Сашо Митовски му е името на овој градоначалникот кој што пијан нападнал полициски службеник. И ова не е прв случај овој градоначалник да нападне граѓани, затоа што пред неколку месеци овој градоначалник нападна граѓанин во неговата канцеларија. Нема јасен одговор дали е поднесена кривична пријава против овој насилник, како и, што го дрзнало овој насилник да излезе од сопствената кафана и да нападне полициски службеник со два шамара обидувајќи се да го понижи, праша пратеникот Стојаноски.

Одговорот од Ковачевски беше во една реченица.

Во однос на првото прашање веднаш по настанот МВР има постапено, направена е комплетна истрага и поднесена е прекршочна пријава за лицето, кажа премиерот.

На ова следуваше остра реакција од Стојаноски.

Јас ќе го дадам одговорот кој што требаше да го дадете вие на македонските граѓани. МВР и Спасовски четири дена молчеа и се обидоа да го забошотат овој случај. За дело кое е напад на службено лице не се одговара прекршочно туку веднаш кривично и казната затвор е од три месеци до три години затвор. Вие сакавте овој случај да го забошотите, но кога видовте дека притисокот на јавноста е голем и дека храбриот полицаец одби да ги трпи притисоците кои му ги правевте вие и вашата Влада, човекот имаше јавно признание. Ковачевски, овој човек кој пијан нападна полицаец не заложува да ја врши функцијата градоначалник. Народот го избрал да работи, да реализира проекти, а не да тепа граѓани пред ресторан во видно алкохолизирана состојба. Митовски за да не влијае на сведоци треба веднаш да си поднесе неотповиклива оставка, а не да се шета низ Крива Паланка глумејќи локален шериф затоа што е близок до вас, Спасовски, Николовски. Со овој обид за амнестија сакате да пратите порака дека член на СДСМ во оваа држава може да тепа, да краде, да прави што сака и да поминува неказнето. За ова дело застарувањето е десет години. Во овие десет години, ниту вие ќе бидете премиер и СДСМ ќе биде на власт, ниту Сашко Митовски ќе биде градоначалник, кажа Стојаноски.

За случајот со боксовите од градоначалникот се дозна откако полицаецот излезе со јавно признание и барање за одговорност. Првично, во дел од медиумите, градоначалникот негираше дека го направил тоа. Потоа, МВР водеше истрага.