Вкупно петнаесет раководители на Службата за борба против дрога при српската Управа за криминалистичка полиција се преместени на други работни позиции по акцијата во која беа запленети пет тони марихуана со потекло од Македонија. Инцидентот уследил веднаш по полицискиот претрес во близина на Крушевац, каде што беше лоцирана рекордна пратка наркотици.
Група од тринаесет полициски службеници испратиле официјално писмо до српскиот премиер Ѓуро Мацут, во кое тврдат дека по успешно реализираната акција биле изложени на интензивен институционален притисок и масовни смени.
„Еден ден по заплената започна уништувањето на службата, при што беа разрешени началникот на службата, заменик-началникот на службата, началниците и замениците во сите четири одделенија на службата, како и пет раководители на одделенија. По нашите отпуштања, започнаа притисоци и отпуштања врз нашите сопруги кои се вработени во Министерството за внатрешни работи, како и разни видови притисоци“, се наведува во писмото што полицајците го испратиле до српскиот премиер Мацут.
Според наводите во писмото, промените во раководната структура се случиле откако полициската единица ја пронашла дрогата во објект во сопственост на локален советник од редовите на владејачката СНС.
„Клучниот настан е веќе добро познатата заплена на пет тони марихуана во градот Коњух, а потоа, врз основа на нашите информации, заплената на над 40 тони марихуана во Република Северна Македонија. Од таа заплена, поточно следниот ден, започна уништувањето на службата со замена на началникот на службата, заменик-началникот на службата, началниците и замениците во сите четири одделенија на службата, како и пет началници на одделенија“, се наведува во писмото упатено до премиерот.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција истакнуваат дека актуелните случувања во српскиот безбедносен систем засега немаат директно влијание врз текот на истражните дејствија во земјава.
„По предметот за организираниот транспорт на пет тони марихуана од Македонија во Србија се преземаат истражни дејствија. Се очекува наскоро да биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука“, велат од ОЈО ГОКК.
Шверцот на наркотичната супстанца беше откриен на 29 јануари во местото Коњух, кога полициските службеници пронајдоа деловна документација поврзана со македонската фирма „Алфафарм“. Овие податоци подоцна беа споделени со македонските безбедносни служби, што доведе до дополнителна полициска акција во февруари при која беа запленети повеќе од 40 тони марихуана и биомаса од неколку домашни субјекти.
Истрагата досега утврди дека криминалната мрежа во најмалку пет различни наврати организирала пренос на големи количини марихуана преку граничниот премин Табановце, користејќи транспортни камиони со регуларно пријавена стока.
