Дваесет и седумгодишен маж е убиен денеска во престрелка со полицијата во центарот на Тутлинген, Германија, откако претходно без никаква причина отворил оган врз полициска патрола, потврдија од германската Државна криминалистичка служба (LKA).
Информациите од истрагата укажуваат дека напаѓачот првично бил забележан како се движи со пиштол во раката низ објектот на локалната општина. Вработените во градската управа веднаш алармирале во полицијата и се заклучиле во канцелариите. При излегувањето од зградата, на улицата „Хелферај“, вооружениот маж бил пресретнат од полициски службеници, врз кои веднаш и без предупредување испалил неколку истрели.
Во вооружениот одговор од страна на полицијата, 27-годишникот бил тешко ранет, а обидите за негова реанимација на местото на настанот не успеале.
Инцидентот предизвика паника меѓу граѓаните и посетителите во околните угостителски и трговски објекти. Сопственичката на блискиот ресторан изјави дека истрелите одекнале директно пред нивната тераса, по што гостите морале итно да бидат префрлени во безбедносно подрачје и подоцна да се евакуираат преку спореден излез.
Улицата каде што се случи престрелката беше блокирана неколку часа, а полициските екипи извршија легитимирање на сите присутни сведоци. Од LKA соопштија дека напаѓачот директно не им се заканувал на минувачите, а мотивите за нападот врз полициските службеници сè уште се предмет на детална истрага.
