Пресврт на политичката сцена во Бугарија
Првото истражување на јавното мислење во Бугарија, спроведено по оставката на поранешниот претседател Румен Радев и неговата најава за учество на предвремените парламентарни избори, покажува значителен пресврт во односот на силите. Според резултатите, коалицијата околу Радев би остварила изборна победа, но без убедлива предност.
Доколку изборите се одржат во овој момент, коалицијата предводена од Радев би освоила 25,6 проценти од гласовите на испитаниците кои изјавиле дека ќе гласаат. На втората позиција се наоѓа ГЕРБ на Бојко Борисов со 15,4 проценти, додека третото место ѝ припаѓа на коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ со 12,5 отсто.
Поддршка и доверба кај партиите
Анкетата, реализирана од агенцијата „Маркет линкс“, беше презентирана денеска. Според истражувањето, по водечките три политички субјекти следува ДПС – Нов почеток, партијата на Дељан Пеевски, со 10,5 проценти поддршка, додека националистичката партија „Преродба“ би добила 4,5 отсто.
Партиите што во моментов се дел од парламентот – БСП, АПС, МЕЧ и Величие – остануваат под изборниот праг од 4 проценти потребен за влез во законодавниот дом. Истовремено, кабинетот во оставка предводен од премиерот Росен Жељасков бележи двојно пониско ниво на јавна доверба во споредба со првиот месец од неговиот мандат.
Зголемена доверба и европска ориентација
Довербата во Радев, по неговото заминување од претседателската функција, е зголемена за седум процентни поени. Истражувањето е спроведено на примерок од 1.019 испитаници над 18 години, во периодот од 7 до 13 февруари 2026 година.
РАДЕВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА: „Најпопуларниот“ бугарски политичар со амбиции за премиер
Поддршката за членството на Бугарија во ЕУ и НАТО и понатаму е доминантна, иако се бележи пораст на ставовите кои се залагаат за напуштање на овие сојузи, особено на Европската Унија.
Радев најави дека најдоцна до 4 март, тој и неговиот тим ќе поднесат коалиција за регистрација до Централната изборна комисија, посочувајќи дека нема доволно време за формирање нова партија за учество на изборите. „Ќе учествуваме на овие избори како коалиција со други партии кои имаат редовна регистрација“, најави Радев.
