На церемонија со највисоки државни и воени почести, претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го пречека и му посака срдечно добредојде на швајцарскиот претседател, Ги Пармелан.
Во фокусот на разговорите биле севкупните билатерални односи, при што тридецениската соработка се оцени како пријателска и плодна, информираше претседателката во објава на Фејсбук.
„Благодарност за континуираната поддршка на македонската евроинтеграција, како и за бројните и вредни донации во клучни области како што се: владеењето на правото, зајакнувањето на демократските институции, транзицијата кон зелена и обновлива енергија и заштитата на природните ресурси, особено на водата“, порачала Сиљановска Давкова.
Претседателката исто така за време на средбата изразила задоволство од реализацијата на оваа прва историска официјална посета на швајцарски претседател на земјава, за којашто вели дека го потврдила партнерството меѓу двете држави.
