Претседателот Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Чешката Република во Република С. Македонија, Јарослав Лудва.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски истакна дека двете земји ги поврзува традиционално и искрено пријателство засновано на разновидна соработка, меѓусебно почитување и отворен пристап додавајќи дека со Чешка која е важен сојузник и партнер на С. Македонија споделуваме заеднички европски вредности на меѓусебно разбирање и меѓусебна почит.
Истакнувајќи дека граѓаните на Република С. Македонија високо ја ценат поддршката на Чешката Република за нашиот евро-интегративен процес, претседателот Пендаровски изрази уверување дека на истата може да сметаме и во иднина, особено за време на чешкото претседателство со Советот на Европската Унија во втората половина од оваа година.
-Во овој контекст, длабоко верувам дека натамошната блокада поставена од една од земјите членки на Унијата не е од ничиј интерес и убеден сум дека почетокот на пристапните преговори не само што ќе придонесе за натамошно стабилизирање на состојбите на Западниот Балкан, туку нам, како држава, ќе ни овозможи побрзо и поефикасно имплементирање на неопходните реформи, особено во оние сфери кои се критично важни за европската интеграција, рече претседателот Пендаровски.
Чешкиот амбасадор нагласи дека билатералните односи и соработка се одлични, а С. Македонија е ценет пријател и важен НАТО партнер додавајќи дека Чешката Република била, е и секогаш ќе биде истраен и силен поддржувач на амбициите на С. Македонија да стане членка на ЕУ.
-Ќе продолжиме да ја поддржуваме агендата за проширување исто така и во рамките на претстојното чешко претседателство со ЕУ во втората половина на 2022 година, при што Западен Балкан ќе биде наш географски приоритет број еден. Подготвени сме да ви помогнеме и во вашите внатрешни реформи, споделувајќи ги на тој начин нашите искуства што ги стекнавме на нашиот сопствен европски пат, истакна амбасадорот Лудва.
Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор на Чешката Република, Јарослав Лудва, му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.