Комисијата за надзор на пазарот на капитал одржа редовна седница на која никој не ја оспори комплетната документација доставена за давање согласност на понудата за преземање на Стопанска Банка Битола од страна на АЛТА Банка Белград. Ова го истакна претседателката на Комисијата, Бујаре Абази, која во својство на сведок учествуваше на надзорната расправа во Собранието.

Пред пратениците од Комисијата за финансирање и буџет, Абази одговараше на прашања поставени од Сања Лукаревска, Миле Лефков и Рина Ајдари, кои детално се интересираа за процедурата на преземање на банката и за комплетноста на приложените акти во постапката.

„За овој случај испочитуван е законот. Огласот беше објавен во три национални весници, а ние имавме задача, и тоа го направивме, да провериме дали има комплетна документација од банката што даде понуда. Исто така имаше документи од Централната банка во Србија, од Народната банка на Македонија, усвоени документи од Комисијата за заштита на конкуренцијата од Србија и од Македонија. Купувачот имаше документи потребни согласно закон и со тоа можеше да купи 100 проценти од акциите на Стопанска банка Битола за што беше склучен договор со согласност од надлежен орган. Нашата Комисија ја разгледа документацијата и констатира дека нема забелешки, тие се констатирани и во записник од одржаната седница. Одлуката како членови на Комисијата ја донесовме едногласно“, одговори Абази.

Претседателката на регулаторното тело додаде дека целокупниот процес до овој момент се води строго врз основа на законските прописи и оти од почетокот на постапката па сè до денес не е регистриран ниту еден административен проблем или недостаток на потребен документ во однос на начинот на преземање на банката.