– Приходите од персонален данок на доход постепено се зголемуваат од 3 отсто на 6 отсто до 2024 година. Приходите од данокот на додадена вредност ќе се обезбедат во висина од 6 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година започнувајќи од 2024 година, рече Заев на заедничка прес-конференција со Бесими.
Според министерот Бесими, со Предлог-законот се зголемува и контролата од страна на државата, особено од страна на финансиската инспекција во поглед на Законот за пријавување и евиденција на обврските и пријави за непочитување на Законот за финансиска дисциплина.Предложените измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа ќе обезбедат стабилни приходи во буџетите на општините.
Министерот Бесими образложи дека во овој закон предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход од 3 на 6 отсто до 2024 година, односно процентот за 2022 година ќе изнесува 4 отсто, за 2023 година 5 отсто и за 2024 година 6 отсто. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште. Дополнително, во насока на подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, во Законот се предлагаат и измени за постепено зголемување на стапката на дотација од ДДВ од 4,5 на 6 отсто.
– Со ова се овозможува обезбедување приходи од ДДВ во висина од 6 отсто од наплатениот ДДВ остварен претходната фискална година започнувајќи од 2024 година. Исто така, и тука е предвидено порастот да биде постепен така што во 2022 година ќе изнесува 5 отсто, а во 2023 година 5,5 отсто, рече Бесими.
Дополнително, со реформата се работи и на формирање нова Агенција за регионален и локален развој преку која ќе бидат достапни повеќе средства за инфраструктурни проекти за општините, што ќе придонесе кон побрз регионален развој. Агенцијата ќе има средства од централниот буџет, но и финансиски средства од домашните и меѓународните финансиски институции за финансирање на капиталните инфраструктурни проекти за општините. Работна група веќе работи на изготвување на законските решенија.