Двајца пожарникари биле нападнати додека се обидувале да изгаснат пожар во штала со поголемо количество тутун во близина на Прилеп. Сопственикот на објектот со туркање во пределот на градите ги спречувал да продолжат со интервенцијата, а случајот е пријавен во полиција.

За инцидентот информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Пожарникарите пристигнале на местото за да го локализираат пожарот и да го спасат објектот, но наместо да им помогне, сопственикот физички ги спречувал во извршувањето на нивната работа.

Случајот е пријавен во полиција, која работи на негово расчистување.

Ангелов воедно апелираше до граѓаните да имаат разбирање за пожарникарите, особено во периоди кога има повеќе активни пожари истовремено.

– Пожарникарите не се супермени и не можат за минута да стигнат до местото коешто гори – порача Ангелов.

Тој објасни дека една противпожарна служба може истовремено да има повеќе интервенции на различни локации, поради што екипите мора да бидат распоредени според потребите и итноста на ситуациите.

– Ги повикувам граѓаните да им помагаат на пожарникарите, а не да ги напаѓаат и да се закануваат – додаде директорот на ДЗС.