Во исто време, премиерот Зоран Заев и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан упатија апел до православните верници за почитување на антиковид мерките при чествувањето на Велигден.
При приемот на кинеските вакцини во поликлиниката „Јане Сандански“, министерот за здравство Венко Филипче најави дека наскоро се очекуваат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“, со што очекува до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба.
Засега е неизвесно пристигнувањето на вакцините на „Астра Зенека“, имајќи ги предвид случувањата со вирусот во Индија која воведе забрана за извоз на вакцини, а дел од овие дози преку КОВАКС системот треба да пристигнат и од индискиот Институт.
Според Филипче, пунктовите за вакцинација се веќе подготвени.
– Некаде бројката на граѓани што ќе се вакцинира на ден ќе биде помеѓу 10.000 и 15.000 илјади, најави министерот за здравство.
Во претстојното вакцинирање акцент ќе се стави на граѓаните коишто се веќе пријавени, тие кои веќе чекаат и според возраста и според приоритетот на пријавување. Филипче апелираше граѓаните да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука ќе се генерираат приоритетите.
– Ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време, изјави Филипче.
Тој додаде дека доколку не стасаат вакцините на „Астра Зенека“ до термините за ревакцинација на нашите државјани кои со оваа вакцина се вакцинираа во Србија, со српските здравствени власти е разговарано и тие вакцини од таму да бидат донесени кај нас и тука да се спроведе ревакцинацијата.