Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, застана во одбрана на пристапот што американскиот претседател Доналд Трамп го применува во односите со рускиот претседател Владимир Путин. Руте нагласи дека таквиот притисок дава резултати и дефинитивно мора да продолжи и во следниот период.

Пред најавената средба со американскиот претседател на неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида, генералниот секретар на Алијансата во интервју за американската телевизија „Фокс њуз“ изјави дека Трамп постојано го тестира Путин, вклучително и за време на нивната средба минатата недела во Шенџен, Кина.

Руте наведе дека Трамп директно го соочува рускиот лидер со прашањата дали е подготвен да седне на преговарачка маса и дали покажува вистинска подготвеност реално да се вклучи во мировни разговори.

„Мислам дека тоа функционира и мораме да продолжиме во таа насока“, изјави Руте.

Ваквиот став на првиот човек на НАТО доаѓа откако претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски упати критики за, како што самиот оцени, недостигот од доволен американски притисок врз рускиот лидер.

„Ако зборувате за Путин како да ви е пријател… се разбира дека тој не се чувствува како убиец. Не чувствува доволно притисок“, порача Зеленски во интервју за американската телевизија Си-ен-ен.