Веќе петти ден приватните превозници не сообраќаат поради неисплатениот долг на Јавното сообраќајно претпријатие кон нив, а денеска ќе одржат и мирен протест пред централата на ЈСП, а потоа ќе остварат средба со сите советнички групи на Советот на Град Скопје за изнаоѓање решение на проблемите со кои се соочуваат.

Тие вчера беа обвинети од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска дека од 2017 година наплаќале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец. Во демант на таквите обвинувања превозниците порачаа дека воопшто не се вклучени во наплатата на билети.

Имено, пред пет дена беше соопштено дека автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, нема да сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата, а потоа беа исклучени и приградските линии 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73.

Откако приватните превозници соопштија дека нема да сообраќаат, одржаа и средба со претставници на Град Скопје, но немаше позитиве исход.

– Иако состанокот беше напорен и траеше толку долго за жал не можам да кажам дека се договоривме за нешто конкретно. Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума заради тоа што ребалансот на буџетот се уште не е поминат и дека единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури после 40 дена со новиот буџет, изјави директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски.

Тој информираше дека се во ситуација каде што приватните превозници не можат да обезбедат средства за да ги покренат автобусите и дека со тој проблем се опфатени сите линии.

Јовановски додаде дека не добиле одговор на прашањето зошто е прекината исплатата на средствата што се слеваат во ЈСП по основ на извршен превоз, редовен превоз на патници и превозот од учениците, и зошто тие средства што се уплаќаат во ЈСП веројатно се користат исклучиво за потребите на самото претпријатие и зошто не се прават напори за дел од тие средства завршат кај нив.

– Одговорите се криза, немаме доволно средства, не можеме да гарантираме редовни исплати и цело време се насочуваше на состојбата да се пролонгира целото ова решавање за четириесетина дена, рече Јовановски и даде дека не го разбрале моментот дека навистина долгот е огромен и дека приватните превозници не се во состојба да ги покренат автобусите и дека немаат дури ни за нафта и дека повеќе од три месеци немаат исплатено ниту плати на возачите.

Тој потенцираше дека од Град Скопје се повикаат на договорот којшто го имаат склучено, дека имаат обврска да го извршувааат превозот и доколку имаат некои побарувања тоа да го направат во правна процедура и со евентуални тужби.

Само по еден ден откако престанаа да сообраќаат приватните превозници, Јовановски информираше дека Град Скопје извршил инспекциски надзор во „Собода превоз“, нешто што, според него, никогаш не се случило досега и што го чувствуваат како притисок.

– Ако мислат дека со тоа ќе извршат притисоци да се откажеме за да нема некакви казни, нема да го направиме тоа, рече во вторникот Јовановски.

Од компанијата алармираа дека тоа се погрешни методи и воопшто не се во интерес на јавноста, како и дека штрајкот продолжува оти се уште не добиле финансиски средства.

Јовановски порача дека доколку им се дадат финансиски средства за гориво, јавниот превоз би бил пуштен во функција веднаш, додавајќи дека се свесни за кризната состојба и затоа не бараат целосна исплата, туку тековни средства за да можат да можат превозниците да возат.

Тие, беа обвиниети од градоначалничката Арсовска дека во нивните авотобуси не издаваат фискални сметки, за што Јовановски, демантираше дека автобусите на приватните возачи не се фискализирани.

– Демантираме дека автобусите на приватните возачи не се фискализирани. Фискалните принтери во приватните и во државните автобуси не се во функција. Тие се дел од вградената опрема на Јавното сообраќајно претпријатие и од многу поодамна не се во функција, оти нивна должност е по договорот да ги одржуваат и поправат, а тоа не го прават. Вториот факт е дека никој од приватните шофери не продава билети во автобусите, заради тоа што ние не ни имаме билети што може да ги продаваме и да земаме пари кои беа спомнати дека не се уплаќаат на сметките, изјави Јовановски.

Според него, погрешно е состојбата на ЈСП да се презентира како состојба кај приватните превозници, кои како што посочи „немаат врска со тоа“.

Вчера повторно Арсовска ги обвини приватните превозници дека од 2017 година наплатувале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец.
Град Скопје, како што информираше, има изготвено нов јавен повик каде што приватните превозници ќе имаат можност поединечно да аплицираат за линија.

– „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ од крајот на 2017 година се до овој момент немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет кај приватните превозници кои се членови на овие две здруженија, иако пријавувале дека возеле околу 400 илјади километри на месец и за ова пресметувале по едно евро за извозен километар којшто го фактурирале во ЈСП. Во меѓувреме, од 2017 до 2022 година не пријавиле ниту една продадена карта во автобус на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, истакна вчера Арсовска.

Таа додаде дека во прилог на тоа оди и фактот што од 2017 година, ги немаат фискализирано автобусите така што парите што ги генерирале, завршиле некаде.

Според Арсовска, ова не е само злоупотреба, туку и сериозно затајување на данок којшто не е платен во изминатите пет години.

Таа рече дека немаат увид на кој начин им се распределувале средствата на приватните превозници од страна на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и оти со тоа треба да се занимаваат надлежните институции.

– Веруваме дека најголем дел од превозниците кои се членови на овие здруженија се чесни луѓе. Ние комуницираме со дел од нив, успеавме да видиме дека тие навистина се луѓе коишто заработуваат за леб, не се луѓе коишто се богатат на грбот на граѓаните. Меѓутоа некој ја злоупотребува оваа нивна позиција. Ја злоупотребува за политички цели и за да го прикрие сопствениот криминал, нагласи Арсовска.

Таа најави дека нема да бидат премолчени злоупотребите на овие здруженија и дека ќе покренат соодветни постапки по изготвување на финалниот ревизорски извештај.

– Град Скопје изготви нов јавен повик каде што на секој од сегашните поединечни превозници ќе му биде понудено директно и индивидуално да аплицира, да си добие линија со исполнување на условите коишто ќе бидат во јавниот повик и да си работи чесно за да може да обезбеди соодветен јавен превоз, рече Арсовска.

Потоа, на прес-конфернеција Јовановски истакна дека „Слобода превоз“ од воведувањето на системот, а и никогаш претходно, не била таа која што продавала билети за превоз.

– За билетите, од набавка, продажба и колетирање на парите исклучиво е надлежно ЈСП. Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин. Кој било да се обидел да направи каква било злоупотреба, која што би била надвор од системот, сето тоа би било регистрирано, бидејќи за сето ова постои електронски траг, сите наши автобуси се опремени со ЏПС кој го следи нивното движење, сите валидатори што се во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП располагаат со опрема која ја регистрира секоја употреба на електронска карта и доколку имало какви било пропусти во сето тоа, за сите овие шест години, оној период којшто го спомена на денешната прес-конференција градоначалничката, можело да биде регистрирано и можело да се алармира, истакна вчера Јовановски.

Тој потенцираше дека немаат никаков допир со наплата на билети и оти целата продажна мрежа се одвива преку пунктови коишто ги има определено ЈСП.

– Приватните превозници не наплаќаат. Уште помалку „Слобода превоз“ ниту некогаш имала мрежа, ниту имала намера да развива мрежа, ниту задолжувала карти од ЈСП која што како „Слобода превоз“ ги продавала па за да може тие пари на некој начин да стигнат до фирмите како „Слобода превоз“ или „Макекспрес“. Ние сме како организатори на превозот и немаме никаква допирна точка со тоа, посочи директорот на „Слобода превоз“.

Образложи дека нивна обврска со договорите е да изготвувааат фактура според изминати километри и оти тоа постојано се проверува преку мониторинг центарот на Град Скопје и се следи преку ОКЦ- Центарот на ЈСП.

– Јас цело време апелирам и зборуваме овие шест години дека фискалните принтери, фискалните апарати на превозниците преку „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и ЈСП не функционираат. Тие не се во функција. Она што ЈСП го прави е препродажба на карти каде што ги тераат возачите да купат карти од билетарниците и потоа истите да ги препродаваат во автобусите што е недозволиво. Ние таква идеја која се појави уште на почетокот одбивме токму заради тоа што можеше да се случат повреди на Законот или еве подоцна да се зборува за некакви злоупотреби или какви било манипулации на целиот систем, наведе Јовановски.

Осврнувајќи се на изјавата на Арсовски за тоа дека ќе има нови огласи за аплицирање за превозниците повторно да се вклучат во сообраќајот, рече дека тоа е возможно и оти немаат ништо против тоа.

– Градот Скопје е тој што го организира превозот, тие се тие коишто ги воспоставуваат условите и начинот на којшто приватните превозници ќе се вклучуваат. Ако тие сметаат дека тие како поединци полесно и побезболно или подобро би функционирале на еден таков начин слободно – час поскоро додека може да го огласи и превозниците ќе си се јават на еден таков оглас, посочи Јовановски.