Во Општина Карпош се одржа едукативен настан во рамки на кампањата „Розов октомври“, чија примарна цел е подигнување на јавната свест за ракот на дојката, укажување на значењето на навремената дијагностика и грижата за сопственото здравје. Настанот привлече голема публика, при што присуствуваа бројни жени кои преку активно учество покажаа дека за ова прашање треба да се зборува отворено и без предрасуди.
Присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој ја подвлече важноста на континуираната здравствена едукација и превентивните прегледи, при што истакна дека локалната самоуправа ќе продолжи да дава поддршка на иницијативи насочени кон здравјето на граѓаните.
Стручно предавање одржа д-р Катерина Китановска, примариус специјалист по радиодијагностика, која сподели клучни медицински информации и практични совети за превентивните мерки, редовните прегледи и критичното значење на раното откривање на карциномот на дојка.
Настанот беше заокружен со директна интеракција и дискусија меѓу публиката и докторката, при што беа одговорени бројни прашања поврзани со здравствената заштита.
Општина Карпош соопшти дека ќе продолжи со вакви активности за поттикнување на здравствените навики и обезбедување простор за општествено корисни разговори.
