Кристијано Роналдо и неговата историска сезона во дресот на Манчестер јунајтед во 2008 година се победници во специјалниот избор B.O.A.T., организиран од францускиот магазин „Франс фудбал“, за најдобрата верзија на освојувач на „Златната топка“ во историјата.
Станува збор за новата награда BOAT (Ballon d’Or of All Time), со која се избира најдоброто издание на еден фудбалер во годината кога го освоил најпрестижното индивидуално признание во светскиот фудбал. Наместо да се гласа за најдобриот играч на сите времиња, изборот се однесуваше на конкретна сезона или календарска година од кариерата на секој номиниран фудбалер.
Португалецот во гласањето на навивачите и читателите го победи Лионел Меси со неговото издание од 2012 година. На третото место се најде Кристијано Роналдо од 2017 година. Во изборот учествуваа фудбалери кои најмалку двапати ја освоиле престижната индивидуална награда, а гласачите избирале конкретно издание од нивните победнички години.
Меѓу номинираните за ова признание се најдоа и легендарни имиња како Роналдо Назарио, Марко ван Бастен, Мишел Платини, Јохан Кројф, Франц Бекенбауер и Алфредо ди Стефано.
Роналдо ја освои својата прва „Златна топка“ во 2008 година, по извонредната сезона во која со Манчестер јунајтед ги освои англиската Премиер-лига и Лигата на шампионите. Во првенството постигна 31 гол, а сезоната ја заврши со вкупно 42 погодоци во сите натпреварувања, со што уште еднаш се потврди неговиот статус меѓу најголемите фудбалери на својата генерација.
