По воведувањето на новата функција на социјалната мрежа „Икс“, која овозможува да се види потеклото на корисниците според нивната IP-локација, дел од профилите што ја промовираат кампањата и политичките пораки на Доналд Трамп започнаа масовно да ги менуваат јавните податоци или целосно да се сокриваат.

Профили што вчера експлицитно се прикажуваа како корисници од Македонија — со ознаки како „потекло од Македонија“ — денес се со изменети информации. Некои од нив го замениле потеклото со поширока географска одредница како „Источна Европа“, додека други го впишале потеклото како различни земји.

Дополнително, дел од профилите се целосно заклучени, со што е оневозможен увид во нивните претходни објави, интеракции и историја на активност.

Според анализата на промените, повеќе потврдени кориснички профили што се претставуваат како поддржувачи на американскиот претседател Доналд Трамп — а досега се идентификуваа како корисници од Македонија или од други делови на светот — во текот на ноќта ги модифицирале корисничките имиња или ги избришале биографиите, додека друг дел поставил ограничување за пристап само за одобрени следбеници.

Новата алатка на „Икс“, која го открива потеклото на корисниците, го отвори прашањето за автентичноста на дел од профилите што споделуваат политички содржини, како и за нивната можност да влијаат врз јавната дебата на глобално ниво.