Девет европски земји побарале од Европската Унија да ја продолжи флексибилната примена на новиот систем за влез и излез EES, предупредувајќи дека биометриските проверки создаваат долги редици и сериозни проблеми на аеродромите, граничните премини и во туристичкиот сектор.

Според „Еуроњуз“, Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Холандија, Португалија и Швајцарија испратиле заедничко барање до ЕУ сегашните олеснувања да продолжат и по 6 септември.

Тие олеснувања им овозможуваат на граничните власти, во исклучителни околности, привремено да го запрат земањето биометриски податоци за да ги намалат гужвите и застојот.

Системот EES се однесува на патници од земји надвор од ЕУ кои влегуваат во Шенген-зоната за краток престој. Наместо ставање печат во пасошот, системот дигитално ги регистрира влезовите и излезите, а при првата регистрација се земаат фотографија, отпечатоци од прсти и податоци од патниот документ.

Новите проверки ги засегаат и македонските граѓани, бидејќи Македонија не е членка на Европската Унија ниту на Шенген. Патниците од земјава може да бидат подложени на дополнителна регистрација, особено при нивното прво влегување преку системот.

Во писмото на деветте земји се наведува дека примената на EES покажала значителни тешкотии во периоди на зголемен број патници. Аеродроми, авиокомпании и туристички организации предупредуваат дека долгите редици предизвикуваат доцнења, проблеми со летовите и штети за туризмот.

Особено остри критики пристигнале од грчките аеродроми. Извршниот директор на „Фрапорт Грција“, компанија што управува со 14 аеродроми во земјата, оценил дека системот има суштински слабости и дека е потребна негова преработка, а не само привремено ублажување на проблемите.

И авиокомпанијата „Изиџет“ предупредила дека редиците на границите се неприфатливи и побарала властите целосно да ги користат дозволените исклучоци. Од компанијата сметаат дека, доколку тоа не е доволно, флексибилните правила треба да важат и по септемврискиот рок.

Европската комисија останува на ставот дека земјите се обврзани целосно да го применуваат системот, но потврдила дека е во контакт со државите што се соочуваат со проблеми на одредени гранични премини.

Засега останува неизвесно дали Брисел ќе дозволи продолжување на олеснувањата или ќе инсистира на целосна примена на EES без поголеми отстапки.

За патниците тоа значи дека новите проверки не се укинати и дека при патување во Шенген-зоната треба да предвидат дополнително време поради можни редици и подолги гранични процедури.