Клиентите на корпорацијата „Амазон“ во Велика Британија од почетокот на следната година ќе добијат можност да избираат и да резервираат возила преку дигиталната платформа. Со овој чекор американскиот трговски гигант ја овозможува понудата на возила преку интернет надвор од американските граници.

Со оваа деловна иницијатива технолошката компанија од Силициумската долина за првпат ја проширува специјализираната услуга „Амазон Аутос“ на европскиот пазар, надвор од територијата на САД.

Пласманот на возилата првично ќе се реализира во директно партнерство со автопроизводителот „Хјундаи“, со што на британските купувачи ќе им биде понудена палета на нови и сертифицирани фабрички половни возила.

Корисниците исто така ќе можат да прават избор од понудата на користени возила со кои располага британската мрежа автосалони „Вертју Моторс“, којашто располага со околу 200 продажни локации низ земјата. Очекувањата на компанијата се дека во следниот период кон мрежата ќе се приклучат и дополнителни дистрибутери.

Потенцијалните купувачи ќе имаат детален пристап до дигиталниот каталог на возила, ќе можат меѓусебно да ги споредуваат комерцијалните понуди и директно да го резервираат саканото возило преку платформата, додека целосната документација и финализирањето на купопродажбата и понатаму ќе се реализираат во овластените автосалони.