Иницијативата „Ниту една повеќе“ денеска, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата, организира протест во паркот „Жена борец“. Собирот претставува директен одговор на зачестените случаи на семејно насилство и фемициди регистрирани во државата.

„Кога институциите се глуви, да ги натераме да нè чујат! Се среќаваме на единственото место каде има смисол да бидеме заедно, на улица, во протестна борба за женските животи. На протестот ќе валкаме раце. Културно уметничка група на активистки подготвува не-симбилична перформативна акција на крајот на протестот“, се вели во повикот од организаторите.

Протестниот марш започнува во паркот во 17 часот. Организаторите на настанот упатија јавен повик до секој учесник, покрај свирчиња и батериски ламби, со себе да понесе и грутка земја како симбол на активизмот.