Американската компанија „Амазон“ официјално го потврди снимањето на четвртата сезона на серијата „Господар на прстените: Прстените на моќта“. Снимањето на новите епизоди треба да започне напролет во студиото „Шепертон“ во Велика Британија.

Како што соопшти компанијата, серијата веќе се наоѓа во фаза на подготовки за новата сезона, а како главни сценаристи и извршни продуценти повторно ќе бидат Џеј Ди Пејн и Патрик Мекеј. Нивниот план е серијата да има вкупно пет сезони. Дејството во третата сезона се одвива седум години по настаните од втората сезона, а во фокус на приказната се војната меѓу џуџињата и Саурон, толкуван од Чарли Викерс, како и создавањето на „Единствениот прстен“.

Според директорот за глобална телевизиска продукција на „Amazon MGM Studios“, Питер Фридлендер, серијата прераснала во една од препознатливите содржини на платформата „Prime Video“ благодарение на соработката со креативниот тим. Продолжението на серијата доаѓа и покрај падот на гледаноста по првата сезона, како и по критиките на дел од публиката, додека официјални податоци за гледаноста на третата сезона сè уште не се објавени.

„Господар на прстените: Прстените на моќта“ е заснована на книжевниот свет на Џ. Р. Р. Толкин, а дејството се одвива во второто доба на средната Земја, илјадници години пред настаните прикажани во филмската трилогија „Господарот на прстените“. Датумот на премиерното прикажување на четвртата сезона засега останува во тајност.