Шест потенцијални инвеститори ќе остварат средби и состаноци со претставници на Народната банка околу евентуалната продажба на „Алта банка“ АД Битола. Првичните разговори со две домашни банки веќе се одржани во текот на денешниот ден, соопшти гувернерот Трајко Славески, кој нагласи дека продажбата на банката претставува најсоодветен начин за целосна заштита на имотот и заштедите на граѓаните.

„Нормално, има некои што сами се јавуваат, со кои се остваруваат контакти, а секако сме и проактивни. Тоа го најави и премиерот“, изјави Славески.

Гувернерот посочи дека пазарната вредност на банката не би претставувала значаен финансиски товар дури ни за банкарските институции од средна големина во земјата.

„Ќе видиме кои се интересите, затоа што станува збор за навистина здрава банка, банка во регион традиционално концентрирана со голем потенцијал за развој на земјоделието и на индустријата“, истакна Славески.

Во своето излагање Славески напомена дека централната банка нема мандат однапред да ги прејудицира одлуките и да зборува во име на заинтересираните субјекти кои сакаат да инвестираат.

„Најдобрата опција е ова што го правиме, заштита на имотот и штедните влогови на граѓаните и продажба на „Алта банка“ АД Битола. Ние размислуваме и за алтернативи за оние екстремни сценарија“, образложи Славески.

Тој даде осврт и на практичните можности на правните субјекти кои поседуваат трансакциски сметки во оваа финансиска институција да извршуваат исплати на личните доходи на своите вработени лица. На новинарското прашање дали фирма со отворена сметка во банката може овој месец да исплати редовна плата за 100 работници, Славески кусо и децидно потврди.

„Може на 101 вработен“, одговори Славески.

На одржаната прес-конференција беа презентирани и три дополнителни олеснувања кои ги опфаќаат пуштањето во функција нови шалтери во Тетово и Струмица, зголемувањето на дневните лимити за подигнување и плаќање со платежни картички од 10 на 15 илјади денари, како и овозможувањето целосна исплата за сите идни приливи што доаѓаат по основ на плати, пензии и социјални трансфери.