Сослушување на оштетените во трагедијата во Кочани – ќе сведочат пет сведоци

Со сослушување на сведоци денеска во судницата во Идризово продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија во која животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Според најавите, пред судот ќе сведочат петмина оштетени – Тоше Трендафилов, Мартин Китанов, Алберто Миладинов, Иван Данилов и Кристијан Панов. Сите тие биле присутни во дискотеката во моментот кога избувнал пожарот, при што дел од нив биле повредени, а некои загубиле и блиски членови на своите семејства.

Претходното рочиште одбележано со тешки емоции и инцидент

На претходното рочиште, одржано на 29 декември 2025 година, сведочеа три мајки на загинати во пожарот – Марија Петрушева, Ирена Минова и Габриела Наунова. Судењето се одвиваше во исклучително тешка атмосфера, обележана со солзи и болка, додека мајките сведочеа за загубата на своите деца.

Рочиштето беше прекинато од тежок инцидент, откако Наунова им се обрати на сите 35 обвинети, нарекувајќи ги убијци на нивните деца, без оглед на исходот од судењето. На тоа реагираше градежниот инспектор Огнен Георгиев, кој ѝ дофрли дека и таа носи вина затоа што ја пуштила малолетната ќерка во дискотека. По ова, родителите бурно реагираа, упатувајќи навреди, закани и пцовки, по што судијката Диана Груевска Илиевска побара од обезбедувањето да интервенира и предупреди дека ќе им биде забрането присуство доколку се нарушува редот во судницата.

Обвинението и одбраната со спротивставени ставови

На почетокот на судскиот процес, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето претставува чекор кон утврдување и лична и институционална одговорност. Тој нагласи дека општеството мора да се соочи со прашањето кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Според него, трагедијата не е резултат само на употребата на пиротехника, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, кои објектот го претвориле во смртоносна стапица.

Јанев порача дека се бара правда како последица на незаконитост и занемарување на должноста, а не како чин на одмазда. Дел од обвинетите, преку своите бранители, ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека не презеле дејствија што би довеле до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е последица на институционални пропусти, а не на индивидуална вина.

Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, посочи дека и по девет месеци притвор не може да се помири со трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната истакна дека против него не постои ниту еден доказ и дека е обвинет исклучиво поради семејната поврзаност.

Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.