Со сослушување нови сведоци, по предлог на Обвинителството, денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На претходните рочишта сведочеа лица кои биле во објектот кобната вечер, опишувајќи паника и хаос откако избувнал пожарот. За денеска е најавено сослушување на уште пет сведоци.
Во воведниот збор, обвинителот Борче Јанев истакна дека процесот треба да утврди лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека се бара правда за трагедијата. Обвинетите, пак, изјавија дека не се чувствуваат виновни, тврдејќи дека поседувале валидна документација и дека одговорноста е во институционални пропусти.
Пожарот избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, при што, според обвинението, објектот работел незаконски, бил преполн, а биле користени и недозволени пиротехнички средства. Обвинети се над 30 физички и три правни лица.
Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.
