На плоштадот во Куманово денеска продолжуваат активностите од караванот за промоција на вакцинацијата против КОВИД, во организација на Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.
Во меѓувреме, се чека Владата да одлучи за олабавување на мерките. На редовната седница во вторник се очекува да биде донесена и одлука во однос на препораката за неносење маски за учениците.
– Секоја препорака од Комисијата е добредојдена. Ако тие имаат проценето дека маските за децата во основно не се потребни јас ја прифаќам таа препорака. Секој вторник има седница на Влада. Ако е донесена, ќе треба да се почитува. Ја немам моментално таа информација, изјави Шаќири.
Инаку, од ресорното Министерство остануваат на ставот дека вакцинацијата е единствениот излез од пандемијата. Сепак, во Здравствениот дом во Липково се намалува интересот за вакцинација против КОВИД-19 и тоа за прва и втора доза, додека за трета доза, има интерес помеѓу повозрасните граѓани.
Најголем процент на дневно вакцинирани лица во Липково се токму граѓаните над 60 години.
-Вакцинацијата тече непречено, но во последно време, намален е интересот. Најмногу интерес има кај постарите лица. Прва доза примаат само оние граѓани кои планираат патување, изјави вчера координаторот на вакциналниот пункт, Хамид Фетау.
Карванот на Министерството за здравство денеска е во Куманово, додека утре е во Липково, на паркинг во село Матејче.
Инаку, вчера беа регистрирани нови 232 случаја на КОВИД-19, од направени 2.787 тестови. Починале тројца, а оздравен е 221 пациент, информира Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје.
Според Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин, вчера дополнително беа пријавени уште три лица кои починале меѓу 14 и 23 март. Од нив, двајца се од Скопје и еден од Прилеп, на возраст од 74 години до 91 години. Двајца починале во домашни, а едно лице во болнички услови.
Од новите случаи, во Скопје се 139, Битола 19, Кавадарци 14, Охрид 10, Прилеп 8, Кичево 5, Гостивар и Неготино по 4, Куманово, Тетово и Кочани по 3, Велес, Струмица, Штип, Струга, Радовиш, Делчево и Дебар по 2, Гевгелија, Свети Николе, Берово, Валандово, Виница и Дојран по 1.
Вчера беа регистрирани 221 оздравен пациент.
Во однос на состојбата со КОВИД-19 во Балканот, Грција се стреми, како што се приближува летниот период, така постепено да ги укинува рестриктивните мерки наметнати од пандемијата, а до Велигден, според најавите од Министерот за здравство, се очекува да се олабават низа рестрикции.
Министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис во изминатите денови потенцираше дека намерата е чекор по чекор деескалација на мерките, а Владата има изготвено целокупен план што ѝ беше презентиран на надлежната комисија на епидемиолози, која излегува со препораки, по што и се носат политичките одлуки.