Судската постапка за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски продолжи денеска во Кривичниот суд во Скопје. На денешното рочиште, Обвинителството презентираше искази од клучни сведоци, меѓу кои беа и Зорица Ѓорчевска, мајката на Вања, како и Ана и Тодор Киркови, ќерката и зетот на Жежовски. Исказите дадоа дополнителни детали за исчезнувањето и смртта на двете жртви.

Сведочењето на Зорица Ѓорчевска на судскиот процес: Детален приказ на исчезнувањето на Вања

Зорица Ѓорчевска објасни дека нејзината ќерка Вања утрото на 24 ноември излегла од дома во 07:20 часот за да оди на училиште. Во 7:45 часот, добила порака од класната наставничка дека Вања не се појавила на првиот час. Зорица веднаш ја проверила локацијата на мобилниот телефон на Вања, кја покажала дека девојчето се наоѓа на улица „Партизанска“. Во истиот момент му се јавила на сопругот, кој веднаш пристигнал, по што заедно започнале да ја бараат својата ќерка низ повеќе делови од Скопје, но без успех. Пребарувале и во места како Блаце и Арачиново, но не нашле траги од Вања.

Киднапирањето како клучна теорија на одбраната

Зорица Ѓорчевска сведочеше дека нејзиниот сопруг постојано верувал дека Вања е киднапирана. Според нејзините зборови, нејзиниот сопруг бил убеден дека нема друга опција осве киднапирање, бидејќи не можел да поверува дека девојчето би избегало. Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ, во својата изјава пред судот нагласи дека сведочењето на Зорица не ги поврзува директно обвинетите со настаните. Тој потенцираше дека не постојат конкретни докази кои го обвинуваат неговиот клиент за кривичните дела.

„Што се однесува до тоа што Александар претпоставил дека девојчето било киднапирано, сведокот изјави дека и самата имала своја теорија, дека Вања можеби избегала или некој ја измамил. Објасни на кој начин го разбира неговото толкување. Исто така, нагласи дека Александар не можел да прифати дека неговото дете би избегало, бидејќи многу им верувал на децата. Токму затоа тој претпоставил дека единствената опција е дека е киднапирана.“ – Владимир Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски.

Сомнителни настани на денот на исчезнувањето

Зорица Ѓорчевска истакна дека, според снимките од надзорните камери, во близина на зградата каде што живеела Вања се забележал човек кој влегува во автомобил со затемнети стакла. Тој настан се случил во моментите кога Вања и нејзината пријателка обично оделе на училиште. Според оваа информација, обвинителството ја разгледува можноста за организирано киднапирање.

„Од самиот почеток, Сашко постојано тврдеше дека Вања била киднапирана, не можеше да биде ништо друго, постојано го повторуваше тоа. Сите се вклучија во потрагата. На снимките немаше ништо значајно, освен еден момент кога се виде човек пред зградата во Дебар Маало, токму во времето кога Вања и Миња секое утро одеа на училиште. По тоа, човекот влезе во автомобил со затемнети стакла.“ – Зорица Ѓорчевска, мајка на Вања Ѓорчевска.

Одбраната на Љупчо Палевски: Недостаток на докази

Адвокатот на Љупчо Палевски, Марјан Витановски, истакна дека до овој момент нема конкретни докази кои би го поврзале неговиот клиент со кривичните дела за кои е обвинет. Витановски нагласи дека сведочењата на оштетените не содржат докази кои укажуваат дека Палевски е вмешан во грабнувањето или убиството. Во судницата, на прашањето дали имало некаво недоразбирање меѓу таткото на Вања и Палевски околу купопродажбата на стан, Зорица Ѓорчевска одговори дека соработката околу купопродажбата била регуларна и сите обврски биле исполнети.

„Во овој момент, врз основа на достапните докази, не може да се утврди поврзаност на Палевски со конкретните кривични дела. Од исказите на оштетените, кои сведочеа, не произлегува ниту еден дел кој би укажал дека Палевски е виновен за ова дело. Исто така, ја прашавме ошттената за нејзино субјективно мислење, дали претпоставува дека нејзиниот сопруг и обвинетиот Палевски биле во некаков контакт, на што таа одговори дека нема такви сознанија.“ – Марјан Витановски, адвокат на Љупчо Палевски.

Сведочењето на Ана Киркова: Откритија околу исчезнувањето на Панче Жежовски

Ана Киркова, ќерката на Панче Жежовски, сведочеше дека по исчезнувањето на нејзиниот татко, нејзиниот сопруг Тодор Кирков го посетил домот на Жежовски. Таму, тој забележал дека греалката и ламбата биле вклучени, но Панче Жежовски и неговото возило не биле присутни. Кратко потоа, неговото безживотно тело било пронајдено во близина на Велес, а Тодор Кирков го идентификувал телото кое имало сериозни повреди на лицето.

„Не ги познавам обвинетите. Во 2007 година, татко ми соработуваше со Велибор Манев, бидејќи го ангажираше за поплочување на дворот, но не беше задоволен од крајниот резултат. Не сум запознаена со деталите на тој спор.“ – Ана Киркова, ќерка на Панче Жежовски.

Позадина на случајот

Ваа Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември 2023 година, а нивните безживотни тела беа пронајдени на 3 декември во околината на Скопје и Велес. Според Обвинителството, киднапирањето на Вања било испланирано со цел да се присили нејзиното семејство на финансиска откупнина. Обвинителството има за цел да докаже дека обвинетите се директно инволвирани во овие кривични дела.

Следното рочиште е закажано за среда, кога ќе бидат презентирани нови сведоци и докази.