Јавниот конкурс на Државниот завод за статистика за ангажирање реонски попишувачи и инструктори за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите требаше да заврши денеска. Конкурсот беше отворен на 20 јули и првично требаше да трае до 5 август, но поради летните одмори беше продолжен до 12 август. Конкурсот и овој пат ќе биде продолжен, бидејќи бројката на пријавени не е задоволителна, вели за весникот ВЕЧЕР, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
-Бројката на пријавени попишувачи не е задоволителна, апликацијата ќе стои отворена. Најмногу попишувачи фалат во скопските општини, во општините со албанско население- Гостивар, Тетово, Кичево. Малку пријавени има и во Охрид, Струмица и Ново Село. Сметаме дека тоа се должи на летните одмори и на тоа што луѓето по цел ден се по земјоделски работи. Ќе продолжиме со повиците и на локално ниво, поставуваме огласи и на стамбените згради и се надеваме дека ќе дојдеме до потребната бројка, вели Симовски за весникот ВЕЧЕР.