Академската година за студентите од приватниот Факултет за бизнис и економија – Скопје се уште не е започната. И покрај реакциите студентите сè уште немаат предавања, нема наставна програма и нема професори. Дел од студентите денеска пред Општина Центар, каде се наоѓаат дел од просториите на Трудовиот инспекторат одржаа мирен протест со цел да го изразат револтот за ситуацијата во која се наоѓаат.
Студентите веќе месец дена откако реагираа за отказите на нивните професори чекаат одговор. Тие на денешниот протест нагласија дека сè уште немаат добиено никаков одговор на нивните преставки и оти институциите постојано ја префрлаат топката од една на друга страна. Тие потенцираа дека за десеттина дена доаѓа ноември и оти сè уште немаат предавања, сесии и испити.
-Јас морам да го повикам и основачот кој не се појави пред нас лично додека трае целиот овој процес да ни каже што се случува со целото ова сценарио и дали ние како студенти ќе го видиме светлото на тунелот. Најмалку што сакаме е да се затвори факултетот или да има судска постапка што ќе правиме, каде ќе одиме ние, истакна на протестот Марија Михајловска, една од студентките на факултетот.
Тие бараат итен одговор и реакција од МОН, просветниот и трудовиот инспекторат со цел да се вратат во студентските клупи и конечно за нив да започне академската година.
Во моментов на факултетот има само еден вработен, односно в.д. директорката Жанина Кировска која е и професор.
Студентите, како што посочија на протестот, веќе се имаат обратено до сите институции и немаат добиено одговор.