Македонија до 2031 година би можела да се најде меѓу европските економии со најдобри перформанси, покажуваат најновите прогнози на Меѓународниот монетарен фонд.
Просечен раст од 3 отсто годишно
Според прогнозата на ММФ, во периодот од 2027 до 2031 година македонската економија би растела со просечно годишно темпо од 3 отсто.
Со ваквата проекција, земјата би бележела повеќе од двојно побрз раст од еврозоната и би се позиционирала како седма најбрзорастечка економија во Европа.

Западен Балкан над просекот на еврозоната
Анализата на ММФ покажува дека еврозоната до 2031 година се очекува да има раст од нешто повеќе од 1 отсто годишно.
Помалите економии, меѓу кои и земјите од Западен Балкан – Македонија, Косово, Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина – се очекува да ја надминат еврозоната со повеќе од два спрема еден и да остварат раст од околу 3 отсто, што е блиску до светскиот просек.
Малта прва, Италија и Германија со најслаб раст
Според прогнозата, најбрзорастечка економија во Европа ќе биде Малта, со очекуван раст од 3,96 отсто до 2031 година.
Најслаб раст се предвидува кај дел од најголемите европски економии, односно Италија со 0,7 отсто и Германија со 0,92 отсто.
Економиите од Европската Унија, според ММФ, се очекува да имаат раст од 1,44 отсто, додека еврозоната 1,21 отсто. Како главни фактори што го ограничуваат растот во големите европски економии се наведуваат високиот јавен долг, стареењето на населението, слабата продуктивност, долготрајните трошоци за енергија и геополитичката неизвесност.
Извор: Плусинфо
