Променливо време со дожд и силен ветер денеска низ Македонија

Денеска времето ќе биде променливо облачно и релативно топло, со повремени локални врнежи од дожд, а на одделни места и поројни. Можно е појава на грмежи, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец, кој на моменти може да достигне брзина над 70 километри на час.
Минималните температури ќе се движат меѓу 8 и 15 степени, а максималните ќе достигнат од 14 до 24 степени.

Времето во Скопје

Во главниот град се очекува променливо облачно време, со повремен пороен дожд во утринските часови. Ќе дува умерен југозападен ветер, а температурите ќе се движат од 13 степени минимална до 23 степени максимална температура.

Најави за викендот

Според прогнозите на УХМР, сабота ќе донесе повеќе сончеви периоди со променлива облачност. Ќе дува умерен, а на западот повремено засилен ветер од југозападен правец.
Во недела се очекува нова промена на времето, со повремени локални врнежи од дожд претпладне и умерен до засилен јужен ветер.

Времето останува динамично и нестабилно, со температури над просекот за овој период од годината.