УХМР најавува повремени врнежи и пад на температурите

Следните неколку денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, а поради спуштање на ладна воздушна маса, на планините и некои од повисоките места ќе има услови врнежите да преминуваат во снег.

Како што информира УХМР, утре времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, а долж Повардарието ветерот ќе биде поизразен. Минималната температура ќе се движи од –1 до 4 степени, додека максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.

Во Скопје услови за слаби врнежи

Во Скопје, претпладне времето ќе биде облачно, додека попладне постојат услови за слаби врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4 степени, а максималната ќе достигне 13 степени.

Ветер и температури во среда и четврток

Во среда и во четврток ќе дува умерен, а наместа повремено засилен ветер од источен и североисточен правец. Од петок се очекува северен ветер. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање, а условите за врнежи ќе останат, особено на планините и повисоките места каде снегот ќе се задржи.