– Најбарани струки на двете пријавувања во јунскиот уписен рок се од економско-правниот сектор, како и машинство и електротехника во кој влегуваат и ИТ-квалификациите. За разлика од минатите години, оваа година има интерес и за занимања од угостителскиот и од секторот шумарство и обработка на дрво, како келнери и готвачи, техничари за мебел и ентериер за кои, во повеќето средни стручни училишта низ земјава, местата се пополнија уште во првиот рок.

Стручно образование годинава избрале две третини односно 10 277 ученици или 66,4 отсто од вкупниот број запишани (15 481 ученик) во прва година за учебната 2023/2024. Во гимназиите се запишани 4603 или 29,7 проценти и 3,8 отсто во уметничкото образование и спортската гимназија.

Од резултатите се задоволни од Стопанската комора на Република Северна Македонија која 15-ина години укажува дека образованието мора да ги следи потребите и трендовите на економијата и дека е важно да се продуцира кадар „поткован“ со вештини и компатибилен на пазарот на трудот.

Наташа Јаневска, проектен менаџер во стручната служба во Стопанската комора на РСМ, за МИА вели дека во сиот тој период Комората преземала низа активности за измена на перцепцијата дека уписната политика и образовните програми треба да се креираат според потребите на реалниот сектор.

-Овие активности се интензивираа во последните две години со кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која ја реализираше Министерството за образование и наука во соработка со Стопанската комора, а со поддршка на Швајцарската амбасада преку проектот „Образование за вработување“. Кампањата поттикна дијалог помеѓу образовните институции, од една страна, и работодавачите, од друга страна, за креирање образовни програми за квалификации според барањата на работодавачите и реализација на практична обука на реално работно место. И резултатот стана видлив со зголемен број запишани ученици во стручното образование, изјави Јаневска.

Согласно со трендовите, се намалува интересот за некои струки поради неатрактивност. Па така, интересот за уписи на полуматурантите е сѐ помал за тригодишните квалификации од различни сектори, како што се текстил, кожа и слични производи во кои припаѓа и чевларската индустрија.

-На пазарот на труд сѐ повеќе се бараат бравари, заварувачи, месари, касапи, електричари, текстилни техничари, а се запишуваат сѐ помал број ученици. Затоа ние, како Комора, во подготовката на Дигиталниот саем за подигање на атрактивноста на стручното образование, кој се емитуваше пред уписите на полуматурантите во средното образование, ги претставивме оние сектори за кои има најмал интерес за упис во стручното образование и покажавме дека работните процеси во текстилната или чевларската индустрија или во дрвопреработувачката не се изведуваат мануелно како порано, туку процесите се веќе модернизирани со современи машини и технологија за кои е потребен образовен кадар за да може да управува со нив, појаснува соговорничката од Стопанската комора.

Стручното образование во изминатите неколку години се промовира и со воведеното дуално образование во некои училишта, во соработка со компании.

Целта, вели Јаневска, не е во сите струки да се имплементира дуалниот модел на образование, бидејќи образовните програми за овој вид стручно образование се креираат според потребата и на барање на работодавачите.

Дуалното образование како пилот-проект беше воведено во СЕТУ „Михајло Пупин“-Скопје во 2017 година во соработка со ЕВН Македонија АД, за квалификацијата електричар-електромонтер – прва образовна програма креирана според барањата на таа компанија. Проектот беше познат како „20-20-20“ (20 ученици во 2020 година веднаш ќе се вработат во компанијата и ќе  земаат 20.000 денари плата).

Следната (2018) година беа отворени дуални паралелки и во компаниите Дрекслермаер Македонија со СОУ „Киро Спанџов-Брко“ од Кавадарци и компаниите Костал, ОДВ-Електрик и ЛТХ Леарница со ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид за квалификацијата  техничар за индустриска мехатроника од електротехничката струка.