Двајца од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси и Кристијано Роналдо, би можеле да играат заедно за првпат во своите кариери. Аргентинецот Карлос Тевез, кој своевремено настапуваше со Меси во националниот тим, а со Роналдо делеше соблекувална во Манчестер Јунајтед, се подготвува за своето официјално збогување од активниот фудбал и упати покана до двајцата фудбалски асови за дополнително да го збогатат неговиот спектакл.
Лионел Меси веќе го потврди своето присуство на прошталниот натпревар на популарниот фудбалер, кој е закажан за 20 декември на култниот стадион „Бомбонера“ во Буенос Аирес, искажувајќи верување дека и Кристијано Роналдо ќе се приклучи на овој настан. Доколку се реализира ова сценарио, публиката ќе сведочи на вистински фудбалски спектакл, бидејќи планот предвидува едниот тим да биде составен од екипата на Бока Јуниорс, додека другиот состав ќе го претставува остатокот од светот предводен од Меси и Роналдо.
Тевез својата професионална фудбалска кариера ја започна токму во редовите на Бока Јуниорс, каде што повторно се врати во 2018 година, за четири години подоцна и дефинитивно да ги закачи копачките на клин. Во текот на неговиот богат спортски пат, аргентинскиот напаѓач настапуваше и за Коринтијанс, Вест Хем, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, а подоцна го носеше и дресот на Јувентус и кинескиот клуб Шангај Шенхуа.
Популарниот фудбалер со прекар „Апачи“ зад себе остави исклучителна кариера збогатена со шампионски титули во Премиер лигата, италијанската Серија А, како и престижниот трофеј во Лигата на шампионите заедно со Немања Видиќ и самиот Кристијано Роналдо. Сепак, најдлабока трага остави токму во Бока Јуниорс каде што ужива статус на клупска икона и најголем миленик на навивачите, особено по одлуката да се откаже од огромните финансиски примања во Кина за по вторпат да се врати во аргентинскиот гигант.
Целата фудбалска приказна сега може дополнително да кулминира со спојувањето на Кристијано Роналдо и Лионел Меси во ист состав, нешто што никогаш досега не се случило во историјата, иако двајцата ривали одиграа безброј меѓусебни дерби пресметки во Шпанија како предводници на Реал Мадрид и Барселона. Во моментов единствено преостанува португалскиот интернационалец дефинитивно да даде потврден одговор за учество.
На најавениот голем настан најавено е присуство и на други познати светски фудбалски легенди, меѓу кои се очекуваат поранешниот италијански голман Џанлуиџи Буфон, аргентинскиот плејмејкер Хуан Роман Рикелме, како и некогашниот англиски дефанзивец Рио Фердинанд.
