Со неколку часовна блокада на крстосницата кај Новоселски пат, жителите од населбата Даме Груев во Ѓорче Петров го искажаа својот револт против локалните власти кои како што обвинуваат години наназад не им го прифаќаат името на нивната населба. Тврдат дека од жители на Ѓорче Петров со нова општинска одлука сега се „под капата“ на Ново Село.

– Во документи стоеше Ѓорче Петров Скопје, никогаш не стоело Даме Груев, иако се води како урбана заедница Даме Груев, сега во новите документи е новото име Ново Село. Ако сме Ново Село сега како што не нарекуваат, тогаш треба да има промени, не треба да плаќаме комуналии за урбана заедница, тогаш ние сме рурална заедница и за рурални заедници важат други правила, изјави Игор Антовски, жител.

Населбата името „Даме Груев“ го добила уште во 1987-та година, објаснува Раде Милески, но вели дека институциите се уште не им го заведуваат во личните документи. Тврди дека и покрај сите одлуки на наделжните институции, меѓу кои и од Народниот правобранител, сепак промена во документите се уште нема.

– Јавниот правобранител ја покрена постапката, добивме одговори и од него, дека тие бараат од Општина Карпош и од градско собрание да се смени тоа и да ни го дадат нашето име, меѓутоа и понатаму гледам дека не се прифаќа „Даме Груев“, што значи ние немаме име на населбата, изјави Раде Милески, жител.

Градоначалникот Петре Шилегов одговорноста ја префрли на Управата за матични книги.

– Нумерацијата и локацијата ја врши Управата за водење матични книги, Градот Скопје, ниту пак Општината Ѓорче Петров не е институција која ги определува податоците кои што службата за матични книги заедно со МВР ги внесува податоците на документите, така што прашањето ќе треба да го поставите во службата за матично и МВВ, изјави Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

Во населбата живеаат близу 6 илјади семејства.