Неколку илјади Израелци се собраа во Тел Авив на протест, бидејќи Кнесетот (израелскиот Парламент) го усвои клучниот дел од спорната реформа во правосудството.

„Вие ја уништивте државата, а ние ќе ја поправиме“ и „Демократија, демократија“, скандираа синоќа демонстрантите кои од јануари се собираат во тој град, центар на протестното движење против реформите.

Реформата е поддржана од коалицијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, составена од ултрадесничарски партии и партии на ултраортодоксните Евреи.

Тоа длабоко ја подели земјата и го предизвика најголемото протестно движење во историјата на Израел.

И покрај протестите, премиерот и неговата коалиција го усвоија клучниот дел од реформата на 24 јули, прв што стана закон, а со кој се ограничува можноста на Врховниот суд да ги поништи владините одлуки доколку ги смета за „неразумни“.

Целта на реформата е, исто така, да се зајакне моќта на избраните функционери над судовите.

Владата смета дека тоа е неопходно за да се обезбеди подобра рамнотежа на власта, а критичарите ја гледаат како закана за демократијата и стравуваат дека го отвора патот кон авторитаризмот.