Цените на суровата нафта забележаа значителен пад во средата и останаа на ниско ниво, откако претходно во септември имаа солиден раст. Падот уследи по извештаите на водечките финансиски институции и аналитичари, кои укажуваат на тоа дека протокот на нафта од Персискиот Залив речиси се вратил на нивоата од пред војната.
Во моментот на пишување на текстот, суровата нафта од типот „Брент“ се тргуваше по цена од 97,36 долари, што претставува пад од претходните нивоа, додека нафтата „Вест Тексас Интермидиет“ (WTI) се тргуваше по 89,57 долари за барел.
Според податоците од „Кплер“, извозот на нафта преку Ормуз достигнува речиси 80% од предвоените нивоа, додека „Џеј-Пи Морган“ процени дека извозот изнесува дури 98%. Од „Голдман Сакс“ излезе со уште повисоки бројки, наведувајќи дека протокот од Блискиот Исток изнесува 23,3 милиони барели дневно.
Забележуваме разлика помеѓу падот на иранскиот извоз и растот на извозот од другите производители во Персискиот Залив. Проценетиот извоз на Саудиска Арабија повеќе од двојно се зголеми во септември и го надмина просекот предвиден за 2025 година, истакнаа аналитичарите за суровини на Голдман, цитирани од Блумберг.
И покрај извештаите за одредени инциденти во Ормускиот Теснец објавени од специјализирани медиуми, пазарот остана стабилен, иако аналитичарите предупредуваат дека регионот сè уште носи ризици кои влијаат врз трошоците за транспорт.
