Целосно новиот Кривичен законик, со кој се предвидуваат казни затвор до 15 години за злоупотреба на службената положба и овластување и за злоупотреби при јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства, денеска беше ставен на првата од четирите јавни расправи во просториите на Македонската академија на науките и уметностите.

Министерот за правда Шасивари во своето обраќање истакна дека со подготовката на новиот законски текст државата по речиси три децении отвора значајно поглавје во реформата на правосудството, со цел да се постават темелите на современ, ефикасен и европски усогласен казненоправен систем, да се обезбеди посилна правна сигурност и да се зајакне довербата на граѓаните во институциите.

Потсетувајќи дека постојниот законски акт датира уште од 1996 година, ресорниот министер посочи оти во изминатите триесет години се развиле нови облици на организиран и финансиски криминал, корупција, злоупотреби во јавниот сектор и сајбер-криминал, додека честите измени и дополнувања создале правна несигурност.

„Затоа не ни беше потребна уште една парцијална измена или уште едно привремено решение. Ни беше потребен нов и современ Кривичен законик“, рече Шасивари.

Тој издвои четири клучни столбови во предложеното законско решение: целосна кодификација на кривичните дела во еден систем, суштинско усогласување со европското законодавство, редефинирање на тежината на казните, како и заострување на мерките против корупцијата и незаконското управување со државниот буџет.

„Граѓаните со право очекуваат државата да има јасен и ефикасен одговор на секоја злоупотреба на јавната функција. Јавната функција не е привилегија. Таа е одговорност. Јавните средства не се ничија лична сопственост. Тие се средства на граѓаните и мора да бидат заштитени“, нагласи Шасивари.

На крајот од своето излагање, министерот за правда потенцираше дека строгите законски казни мора да бидат поткрепени со нивна практична применливост во судскиот систем.

„Но и најстрогата казна нема значење ако системот не е способен да обезбеди ефикасна постапка, праведно утврдување на одговорноста и законита судска одлука. Затоа нашиот пристап е да изградиме законик што ќе биде функционален и применлив во практиката“, додаде министерот.