Во Основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани се доградени четири нови училници и се обезбедени просторни услови за едносменска настава на учениците од прво до трето одделение. Доградениот дел на училиштето, со кој се добиени дополнителни 400 квадратни метри површина, денеска беше официјално пуштен во употреба со посетата на Мицкоски и Јаневска, придружени од градоначалникот Костовски.

„Во рамките на тие проекти е и овој проект и уште многу други проекти, повеќе од 1.200 проекти се реализираат како резултат на програмата, со која децентрализиравме средства од централниот буџет кон општините. Бидејќи даде ефект, размислуваме сево ова да го продолжиме и во годините што следуваат, се разбира во зависност од расположливоста на буџетските средства“, изјави Мицкоски.

Децата со ова добиваат современи услови за стекнување знаење, а Владата ќе продолжи со реализација на ветените мерки. Тој упати честитки за посветената работа во општина Бутел, за поддршката од општинските советници, како и до Министерството за образование и наука за успешното завршување на проектот.

Министерката Јаневска изјави дека со новиот просторен капацитет се овозможува дневен престој, што претставува една од клучните придобивки на едносменското работење во основните училишта.

„Тоа беше владина политика и ние ја остваруваме – од 1.023 основни училишта, над 60 проценти веќе работат во една смена. Дел од нив целосно, дел од нив делумно, како што ќе биде и во ова училиште, каде што во една смена ќе учат стотина ученици. Со заложба на Владата и на МОН, во иднина планираме уште 21 училиште да го подготвиме за работа во една смена“, посочи Јаневска.

Градоначалникот Костовски изјави дека градежниот зафат за доградба чини 36 милиони денари и со него се става крај на долгогодишниот просторен проблем на децата и родителите.

„Конечно се решава просторниот проблем што го имаше ова училиште и учениците од прво до трето одделение сега одат само во прва смена. Исто така, се решава еден горлив проблем, а тоа беше да овозможиме да има целодневна настава за децата да може побезбедно да бидат згрижени кога родителите не може да се грижат за нив. Добиваме нови 400 квадратни метри површина, со нови ходници, четири нови училници, нови тоалети. Во ова училиште со одлична динамика се гради и затворен базен“, рече Костовски.