Денес Ѓорѓиевски имал прва официјална средба со вицепремиерот Николоски
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска најави големи инфраструктурни и транспортни проекти кои, како што вели, ќе донесат „вистински бенефит за сите жители на нашиот град“.
„Скопје го развиваме заедно! Денес, во просториите на Град Скопје, остваривме конструктивна средба со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски“, напиша Ѓорѓиевски.
Главни теми на разговорот биле подобрувањето на транспортниот систем преку реализација на проектот „Градски воз“, набавката на нови, еколошки автобуси и модернизацијата на инфраструктурата.
„Министерот Николоски ја потенцираше силната заложба на Владата за реализација на капитални инвестиции во главниот град како темел на неговиот иден развој“, наведе градоначалникот.
Двајцата соговорници, според него, заеднички заклучиле дека Скопје има потреба од нов план за трансформација на градскиот сообраќаен систем „кој ќе донесе поголема ефикасност, економичност и подобар квалитет на живот за граѓаните“.
Ѓорѓиевски прецизира дека по почетокот на изградбата на првата од трите линии на „Градскиот воз“, следен приоритет ќе биде подготовката на останатите линии кон Ѓорче Петров и кон Миладиновци.
„Градот Скопје е веќе во комуникација со Владата на Република Македонија за набавка на нови еколошки автобуси кои значително ќе го подигнат јавниот превоз на едно високо ниво“, истакна тој.
Во објавата, градоначалникот им се заблагодари и на претседателот на Владата, Христјан Мицкоски, на министерот Николоски и на целата Влада за, како што рече, „постојаната поддршка и визија“.
„Скопје ќе го развиваме заедно, со работа, со посветеност и со јасна цел – да изградиме модерен и функционален град во кој сите ќе живееме подобро“, порача Ѓорѓиевски.
