Во Србија годинава се регистрирани првите два случаи на западнонилска треска. Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ соопшти дека станува збор за жители на Белград на возраст од 75 и 82 години, кои поради невроинвазивна форма на болеста се хоспитализирани на Клиниката за инфективни и тропски болести во Белград.

Од „Батут“ препорачуваат граѓаните при престој на отворено да користат репеленти и да носат светла облека со долги ракави и ногавици. Се советува и избегнување престој на отворено во самрак и зори, кога комарците се најактивни, како и користење заштитни мрежи и престој во климатизирани простории.

Институтот препорачува редовно да се отстранува застоената вода од саксии, кофи, буриња, конзерви и други садови. Потребно е да се отстранат и старите гуми и предметите во кои може да се собира вода, со што се намалуваат местата погодни за размножување на комарците.

За лицата кои патуваат во тропски и суптропски подрачја се препорачува доследно спроведување на превентивните мерки. Доколку се појават симптоми кои упатуваат на невроинвазивна форма на болеста, здравствените власти советуваат веднаш да се побара лекарска помош.