Регистриран е првиот случај на таканаречениот „Флурон“ – кој е комбинација на сезонски грип со корона вирус. Од Министерството за здравство соопштуваат дека овој нов вид на вирус е откриен кај 26-годишен пациент од општина Зајас во Кичево, кој дошол од Америка на 31 декември. Пациентот примил втора доза од вакцината против Ковид неколку дена пред да дојде во Македонија.

„Во моментов здравствената состојба на пациентот е стабилна. Нему му е укажано да се лекува дома бидејќи моментално нема тешка клиничка форма на болеста“.

Во меѓувреме, ажурираните податоци на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во последните 24 часа се регистрирани 1375 нови случаи со Ковид-19, што е за 178 повеќе случаи во однос на претходниот ден. Директорот на Институтот за јавно здравје за АЛСАТ рече дека во наредните денови се очекува уште поголем број на позитивни случаи со корона вирус како и со новата варијанта Омикрон. Според него, такво нешто доаѓа како резултат на собирите за празниците.

„Имаме значително зголемување на бројот на нови позитивни случаи со Ковид. Ова е резултат на новогодишните празници, одредени групи луѓе не ги почитуваат мерките. Ги имаме сите мутации на Ковид-19 потврдени на државно ниво, бројката ќе биде уште поголема во периодот што доаѓа со варијантата Омикрон“.

Инаку, Омикрон кај нас вчера е откриена кај уште 9 лица, со што вкупниот број на позитивни случаи со оваа варијанта е 10. Сегашните мерки остануваат на сила, а надлежните велат дека не размислуваат за воведување дополнителни рестриктивни мерки.