Укинување на членот од законот кој овозможува работодавачот да ангажира работник да работи прекувремено три месеци, а за тоа да не му плати, се црвените линии од кои нема да отстапат од ССМ при донесувањето на новиот закон за работни односи.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на прес-конференцијата по состанокот со министерката Шахпаска, рече дека на работната средба разговарале за спорните прашања за кои со работодавачите не успеале да постигнат договор, но оти имаат оддршка од МТСП.

-Бараме договорите за работа на определено време да не траат подолго од една година бидејќи по овој основ за време на ковид-пандемијата изгубивме речиси 70 отсто од работните места, а со тоа оставивме голем број работници без основна егзистенција. По истекот на една година бараме Агенцијата за вработување по автоматизам да го трансформира односот од неопределено во определено време, рече Димовски.

Тој вели дека ќе настојуваат Ковид-19 да се третира како професионална болест, па и во приватните фирми тие што ќе одат во изолација или самоизолација да добиваат 100 отсто од платата, а не 70 како да се на боледување.

– Во фундаменталниот Закон за работни односи бараме и да се изостави членот 117, став 2, кој овозможува работодавачот да ангажира работник три месеци прекувремено, а за тој период да не му биде платено. Знаеме дека таму стои дека работодавачот може при зголемен обем на работа да ангажира работници, па сите го прават тоа, посебно во приватниот сектор и сметам дека ова е нефер член во законот и бараме негово укинување, вели Димовски.

Тој рече дека со министерката се усголасиле целосно по прашањето за недела неработен ден. Дневница зголемена за 100 проценти од основната и слободен ден ќе добиваат. Останатите работници од дејностите на кои поради спецификата или неопходноста за фунционирање на државата ќе им биде дозволено да работат во недела ќе добиваат дневница зголемена за најмалку 50 проценти и слободен ден, но, таа може да биде и повисока ако тоа се утврди со колективен договор или друг закон освен Законот за работни односи. Договорено е и да се работи само во една смена од 10 до 18 часот.

На средбата било договорено и со колективен договор здравствените работници да можат да користат годишен одмор до 36 дена.

-Со МТСП сме на иста линија треба да седнеме со работодавачите и врз основа на тие факти да кажеме дека е тоа неоходно за да функционира ова општество бидејќи знаеме дека во време на Ковид-19 работниците ги изгубија работните места и сакаат да ја напуштат државата. Ние само преку фундаменталниот закон за работни односи и колективните договори може да ги заштитиме, рече тој и додаде оти се надева дека законот ќе биде донесен уште во текот на годинава.

Денешната средба, нагласи Димовски, беше од стратешки карактер додавајќи дека се на иста линија со Министерството за труд и социјална политика и оти со донесувањето на новиот закон за работни односи ќе се вратат многу работнички права кои биле изгубени изминатите години.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска вели дека од првиот ден на нејзиниот мандат има јасна определба отворено да разговара за сите прашања кои се од интерес на работниците.

-Законските решенија треба да обезбедат почитување на работничките права, затоа што, мотивиран работник е работник кој работи според јасно определени и дефинирани работни односи, на којшто му се почитуваат правата во делот на користење на годишен одмор, слободни денови, ден на неделен одмор, како и безбедност во работата, нагласи министерката Шахпаска.

Таа посочи дека работните групи составени од претставници на синдикатите, репрезентативни и нерепрезентативни, како и од Организацијата на работодавачи, експерти од академската јавност, меѓународни експерти и Меѓународната организација на трудот, работат на новиот системски Закон за работните односи. Притоа, таа истакна дека ова законско решение е во финална фаза и наскоро ќе биде отворена широка јавна дебата, со цел да се слушне мислењето на пошироката јавност.

-Особено е значајно владеењето на социјалниот дијалог во трипартитното тело, односно Економско социјалниот совет, каде што сите заедно отворено разговаравме за сите предизвици и како тие да се надминат, особено во периодот на пандемија. Тука ги креиравме пакетите економска помош за спас на економијата, зачувување на секое работно место, но истовремено и значајно внимание посветуваме на целосно почитување на работничките права, нагласи министерката Шахпаска.

Двете страни изразија задоволство од досегашната соработка и подготвеност за продолжување социјалниот дијалог кој ќе биде во насока на заштита, почитување и унапредување на работничките права.