Почитувани, согласно начелата на професионалното новинарство и етичкиот кодекс на професијата, Радио Лидер и lider.mk се приклучуваат на апелот на Канал 5 телевизија медиумите да не пренесуваат видео материјал и фотографии од погребите на жртвите од трагичниот настан во Кочани.

Во нашите медиуми никогаш не постоела пракса на објавување на вакви материјали, затоа што погребите не може да преставуваат јавен интерес во вакви трагични моменти.

Се приклучуваме на професионалниот пристап на Канал 5 дека како медиумски чинители мораме да им оставиме на семејствата кои ќе ги испраќаат своите најблиски до вечното почивалиште во четврток во сите градови, простор да се простат од своите најмили на начин кој ќе биде одраз на болката и тагата во нивното срце и душа во тие моменти.

Кога веќе 59 наши млади и невини сограѓани живи изгореа на крајно недостоинствен начин, барем ние медиумите да им оставиме на нивните родители и роднини да ги испратат на елементарено достоинствен начин.

Токму затоа ги повикуваме сите медиуми во земјата да го следат овој пример. Секој оној кој ќе ги снима погреби, покажува врвна неодговорност не дамо кон семејствата на загинатите туку и кон целата јавност.

Редакциски колегиум на Радио Лидер