„Огорченоста е голема заради карактеристиките и квалификациите коишто се даваат а за кои нема соодветно образложение. Можеби ќе го има во писмениот записник, но јас го слушам само она што го презентираат новинарите. Во овој процес ниту сум навредена, ниту разочарана. Констатиравте дека го завршувам својот пат во овој конкурс, но сакам да порачам дека Јавното обвинителство е институција која што дали во овој конкурс, дали во иднина, независно дали сум јас во него или било кој друг обвинител ќе треба да дојдат млади генерации. Кога ќе треба да покажат дека ова обвинителство заслужува и мора да има јавен обвинител на кој што народот ќе му верува. Овој степен на доверба кој е експлоатиран како низок, којшто ние амбицираме со извршувањето на функцијата и ветуваме дека ќе го подобриме не е единствениот проблем, довербата не се гради само врз на впечаток на испитаници, таа се чувствува“, рече во вечерашното интервју во Топ Тема, обвинителката Лидија Раичевиќ, која беше и кандидатка за државен јавен обвинител.

Па прашањето за предметот кој заврши со ослободителната пресуда за онкологот Нино Васев, таа потенцираше дека тоа е предмет којшто неодамна ја доживеа својата прва пресуда и „во принцип ни еден вработен во обвинителството не смее да коментира неправосилна пресуда затоа што се смета дека правото не е остварено со пресудата додека не се заврши жалбената постапка“, рече Раичевиќ.