Градежните работи ќе бидат поделени во две фази, односно првата фаза ја опфаќа надворешноста на салата, а откако тоа ќе биде завршено ќе се почне со внатрешноста на објектот за што се прави посебен проект.
– Градежните работи мора да бидат поделени во две фази, бидејќи во суштина правиме комплетно нова сала. Очекувам во мај да стартуваат градежните работи, а до септември надворешноста заедно со санитарните јазли да биде готова, по што веднаш ќе се почне со втората фаза која ќе вклучува решение за функционалноста на објектот, за сценската технологија и распоредот на седиштата. Наредната година се надевам дека пандемијата на ковид-19 ќе биде зад нас, а граѓаните ќе можат да уживаат во добри концерти во реконструираната Универзална сала, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Со проектот ќе се задржи постојната форма и габарит, односно се зачувува духот на Универзална. Куполата ќе биде зголемeна и навечер осветлена. Ќе се употребат нови материјали на фасадата за таа да биде енергетски ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита.
Со проектот за внатрешноста кој во моментов се прави ќе се реши и најгорливиот проблем на салата, немање фоаје. Проектот предвидува префрлање на санитариите на друга страна и на сметка на тоа се зголемува фоајето. Се прави внатрешна реорганизација на просторот и нов распоред на седиштата кои сега се тесно поставени, односно ќе се намали бројот од 1.500 на 1.100 или 1.200.
Средствата за обнова на концертната сала во висина од 2 милиони евра се обезбедени од Владата.
Изведбениот проект е донација на проектантското биро „Мегарон инженеринг“.