Регионалната организациска единица во СВР Куманово задолжена за борба против трговијата со дрога е распуштена по 11 недели работа, откако биле констатирани недоволни резултати. Сите нејзини членови се разрешени и распоредени на други работни места, а на нивно место се поставени нови полициски службеници.

Одлуката е донесена на предлог на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, со одобрение од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Јанев денеска остварил работна посета на Секторот за внатрешни работи Куманово, каде што во фокусот биле безбедносната состојба и борбата против нелегалната трговија и дистрибуција на дрога и психотропни супстанции на подрачјето на Куманово, Кратово и Крива Паланка.

Од МВР соопштија дека по 11 недели од формирањето на Работниот тим за борба против дрогата биле оценети резултатите и било утврдено дека не се доволни. Поради тоа, целата единица е распуштена, а нејзините членови се прераспределени на други работни места.

„Во борбата против криминалот нема простор за работа само на хартија. Потребни се конкретни акции, откриени сторители, запленета дрога и разбиени криминални мрежи. Кога резултатите изостануваат, следува одговорност, без изговори и привилегии“, порача Јанев.

Директорот на БЈБ најави дека вакви одлучни чекори ќе продолжат и во иднина, насекаде каде што ќе биде констатирано неработење или отсуство на резултати.