На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Жан Дрвошанов, го оцени Предлог-буџетот за 2025 година како „исклучително развоен“ со силна „социјална компонента“. Според него, буџетот предвидува приходи и расходи со реално ниво на извршување, со цел постигнување на макроекономска стабилност преку фискална консолидација.
Раст на БДП, понизок дефицит и капитални инвестиции
Дрвошанов посочи дека буџетот предвидува раст на бруто домашниот производ (БДП) од 3,7%, инфлација од 2,2%, и капитални инвестиции во износ од 50,5 милијарди денари. Овие инвестиции, според него, ќе бидат „реални капитални инвестиции“ и ќе имаат директен ефект врз економскиот раст.
„Во претходните години, реализацијата на капиталните инвестиции не надмина 15 милијарди денари. Трансферите беа ниско продуктивни и без значително влијание врз растот на БДП,“ истакна Дрвошанов.
Критика на претходните политики
Дрвошанов ги критикуваше претходните влади за, како што рече, „недостиг на развој“ во државата.
„Сведоци сме на назадување и стагнација во сите сфери на општеството во изминатите седум години. Имавме низок раст на БДП, висок буџетски дефицит и енормно задолжување на државата,“ потсети тој.
Тој истакна дека ваквите негативни политики се рефлектираат и во сегашноста, но и на идните економски текови, нагласувајќи ја потребата од стабилизација и консолидација преку новиот буџет.
Финансиска помош за стопанството
Како значајна мерка, Дрвошанов ја издвои и финансиската помош преку билатералниот заем од Унгарија и поволните кредити за стопанството. Според него, оваа поддршка ќе им помогне на производствените компании да го зголемат производството, вработувањата и платите.
„Ваквата помош е повеќе од потребна за компаниите кои преку зголемено производство ќе придонесат за раст на платите и економскиот развој,“ потенцира тој.