Откупот е зголемен за околу 9 милиони килограми
Над 60 милиони килограми пролетна зелка се откупени од почетокот на годината, што е значително повеќе во споредба со истиот период лани, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Тој посочи дека пролетната зелка е првата култура што влегува во процесот на откуп и пласман, а најголемо производство има во струмичкиот регион.
„Прва пролетна култура која што влегува во процес на откупот, односно пласман е пролетната зелка. Во струмичкиот регион оваа култура најмногу се произведува. Она што го имам како последен податок е дека од 1 јануари до денешен ден се откупени некаде над 60 милиони килограми, што е за некаде околу 8-9 милиони килограми повеќе во споредба со истиот период минатата година. Ова е доказ дека производството расте“, истакна Трипуновски во изјава за емисијата „Аграр“.
Министерот додаде дека процесот на откуп на пролетната зелка сè уште трае, но веќе се наоѓа во својата завршна фаза.
