Вкупните депозити лани во декември се повисоки за 7,8 отсто на годишна основа, при раст кај двата сектора, поизразен кај секторот домаќинства, а вкупните кредити бележат раст од 8,3 отсто, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес од корпоративниот сектор, информира Народната банка (НБ).

-Во декември 2021 година, согласно со сезонската динамика, паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2) забележа месечен раст за 2,9 отсто, како резултат на зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити и готовите пари во оптек, додека долгорочните депозити до две години бележат пад. Во споредба со декември претходната година, паричната маса е зголемена за 8,8 отсто, главно под влијание на растот на краткорочните депозити и депозитните пари, во услови на помал раст и кај готовите пари во оптек и пад кај долгорочните депозити до две години, соопшти НБ.

Вкупните депозити, пак, се зголемени за 2,7 отсто на месечна основа, при годишен раст од 7,8 отсто.

-Притоа, месечниот и годишниот раст се резултат на растот на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај секторот „домаќинства“. Кај вкупните кредити е забележан месечен раст од 1,7 отсто, којшто во поголем дел се должи на зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор. Годишниот раст изнесува 8,3 отсто и е резултат на повисоките кредити на двата сектора, при малку поголем придонес кон растот на корпоративниот сектор, посочуваат од НБ.

Нагласуваат дека вкупните депозити на корпоративниот сектор, во декември, се повисоки за 3,9 отсто на месечна основа.

-Нагорната промена во најголем дел се должи на растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при помал раст на краткорочните депозити во денари, а во услови на забележан пад кај долгорочните депозити во денари и во странска валута. Споредено на годишна основа, овие депозити се зголемени за 11,6 отсто, како резултат на зголемените депозитни пари, краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, додека кај краткорочните и долгорочните депозити во денари е забележан пад. Во декември 2021 година вкупните кредити на корпоративниот сектор остварија месечен раст од 3,1 отсто и годишен раст од 8,7 отсто. Анализирано според валутата, остварен е раст на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на денарските кредити во месечната и во годишната промена, прецизираат од НБ.

Вкупните депозити на домаќинствата, како што истакнуваат, се зголемени за 2,2 отсто на месечно ниво.

-Притоа, месечниот раст главно е резултат на повисоките депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при забележан помал раст и кај долгорочните депозити во странска валута и остварен пад кај долгорочните и краткорочните депозити во денари. Споредено на годишно ниво, овие депозити се повисоки за 7,1 отсто како резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, при помал раст и кај долгорочните депозити во странска валута, додека долгорочните и краткорочните депозити во денари бележат пад. Кредитите на домаќинствата бележат раст за 0,4 отсто на месечно ниво, којшто во поголем дел се должи на зголеменото кредитирање во странска валута. Гледано на годишно ниво, кредитите на домаќинствата се зголемени за 7,8 отсто, како резултат на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари, велат од НБ.

Во декември 2021 година, додаваат, кај потрошувачките и станбените кредити како најзастапени категории е забележан месечен раст од 0,9 и 1,4 отсто, при годишен раст од 7,2 и 15,5 отсто.

-Автомобилските кредити, овој месец, се намалени за 0,3 отсто на месечна и 15,9 отсто на годишна основа, додека кредитите одобрени на кредитни картички оствариле месечен пад од 0,8 отсто и годишен пад од 8,5 отсто. Во декември, негативните салда на тековните сметки бележат месечен пад од 9,6 отсто, при остварен годишен раст од 1,5 отсто, додека кредитите одобрени врз други основи се пониски за 2,6 отсто на месечна и 32,5 отсто на годишна основа, нагласуваат од Народната банка.