На 224 се искачи бројот на жртви во свлечиштата и поплавите на Филипините, предизвикани од првата бура што ги погоди периодов. Како исчезнати се водат 147 лица, информираше денеска националната агенција за катастрофи, јави ДПА.

Најмногу жртви, 202, се од провинцијата Лејте, на 599 километри југоисточно од Манила, каде масивни свлечишта ги опустошија заедниците во Бејбеј и во Абујог.

Најмалку 140 лица се исчезнати во овие два града.

Тропската бура Меги го зафати источниот брег на Филипините на 10 април. Со себе донесе поројни дождови, што предизвикаа свлечишта и поплави.

Над два милиони луѓе во 30 провинции беа погодени од бурата, што принуди околу 207.000 лица да ги напуштат своите домови и да престојуваат во центри за евакуација, покажаа податоците на Агенцијата.

Во текот на вчерашниот ден, имаше информации дека тимови за итни случаи ги запреа операциите за пронаоѓање на исчезнатите во Абујог, затоа што почвата од лизгањето на земјиштето била нестабилна и опасна за спасувачите, тврдеа експерти.

И во Бејбеј имаше прекин на операциите на една локација, поради грижа за безбедноста на спасувачите.

Штетата што ја предизвика Меги, на земјоделството, куќите и на јавната инфраструктура, е проценета на над 264 милиони пезоси (5,2 милиони долари), соопшти Агенцијата.

Архипелагот е погоден од, просечно, 20 тропски циклони секоја година.