Бројот на загинатите во катастрофалните поплави во Кентаки се искачи на 25 и се уште може да се зголемува, изјави денеска гувернерот на таа американска држава.
Имаме потврден број на загинати од 25, рече Енди Бешеар на прес-конференција. „Тој број ќе продолжи да расте.За жал, верувам дека ќе наоѓаме тела и во наредните недели“, додаде тој.
Обилните дождови го погодија источниот дел на руралната држава во текот на ноќта од средата кон четвртокот, претворајќи ги патиштата во реки. Многумина се засолниле на покривите на куќите.
Бешеар рече дека четири деца загинале во поплавите, а не шест како што беше првично објавено.
Тие се четворица браќа и сестри на возраст од една и пол до осум години. Тие биле однесени од поројот кога со родителите се искачувале на дрво, пишува локалниот весник Lexington Herald Leader.
Голем дел од Џексон, град со 2.200 жители на околу 100 милји југоисточно од главниот град Франкфорт, е потопен.
„Стотици домови, игралишта, паркови, бизниси, тоа е под повеќе вода отколку што мислам дека некој од нас некогаш видел во таа област“, рече гувернерот претходно во текот на денот.
Поплавите се втората голема катастрофа што го погоди Кентаки во изминатите седум месеци, по серијата торнада што однесоа речиси 80 животи во западниот дел на државата во декември.